Русија изврши нов ракетен напад врз Украина на 25 ноември, при што беше погоден и трговски центар во главниот град Киев, соопштија украинските власти, пренесува „Киев Индепендент“.
Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, информираше дека во нападот се повредени три лица. Двајца од повредените биле хоспитализирани, од кои едниот се наоѓа во тешка здравствена состојба.
Според Кличко, покрај трговскиот центар, била погодена и зграда во индустриската зона во градскиот округ Десњански.
Поради опасноста од воздушни напади, сирените за тревога се огласиле во украинскиот главен град, како и во поголемиот дел од земјата.
Најновиот напад е дел од серијата руски воздушни напади врз украинските градови, кои продолжуваат во пресрет на зимскиот период.
Во одделен напад врз округот Била Церква во Киевската област загинало едно лице, а биле оштетени и повеќе деловни објекти, соопштија украинските власти.
Воздушни напади беа регистрирани и во регионот Одеса, каде што меѓу жртвите имало и тинејџер, додека повредени лица имало и при напад во близина на станбена зграда во Киев.
Продолжувањето на руските напади врз украинските градови пред почетокот на зимата предизвикува дополнителна загриженост за безбедноста на цивилното население и функционирањето на инфраструктурата.
