Жителите на Крива Паланка, организирани од Општината го откажаа вториот протест најавен за в сабота, откако Владата, вчера донесе одлука системски да се зафати со проблемот и конечно да се ослободи градот и околината од кравите кои со години слободно шетаат и уништуваат приватен и јавен имот.
Со одлука на Владата, Агенцијата за храна и ветеринарство ќе започне заловување и одземање на говедата, Агенцијата за управување со одземен имот ќе ги преземе, транспортира и згрижи одземените говеда, а МВР ќе обезбеди полициска асистенција. Во акцијата ќе се вклучи и Центарот за управување со кризи преку кој ќе се спроведе оперативна координација и Дирекцијата за заштита и спасување која ќе ја обезбеди неопходната логистичка, техничка и кадровска поддршка како и Бирото за процена со задача да ја утврди вредноста на одземените говеда.
Градоначалникот на Општина Крива Паланка Сашко Митовски ја поздрави одлуката на Владата за спроведување на Акцискиот план, но рече дека се уште се отворени суштински прашања во однос на динамиката, опфатот и целосната реализација на
предвидените активности.
