Сопственикот и главен уредник на српскиот медиум „Информер“, Драган Ј. Вучиќевиќ, денеска е уапсен во Белград по наредба на Второто основно јавно обвинителство.
Како што неофицијално објави српскиот портал „Нова.рс“, Вучиќевиќ се товари за предизвикување паника и неред во подолг временски период, како и за попречување на правдата.
Од надлежното обвинителство засега нема официјално соопштение за причините за неговото апсење.
Според информациите објавени од „Информер“, Вучиќевиќ бил уапсен на околу 50 метри од зградата на телевизијата, по што бил однесен во полициската станица во белградската населба Вождовац.
Ова не е првпат во текот на овој месец полицијата да постапува по судска наредба поврзана со Вучиќевиќ.
На 10 ноември, тој самиот објави дека тројца полициски службеници пристигнале на неговата домашна адреса со потерница. Според неговите тогашни тврдења, наредбата била издадена од судијката на Вториот основен суд во Белград, Сања Вујачиќ, во рамките на постапка поврзана со кривична пријава за навреда.
По консултациите меѓу полицијата, судот и обвинителството, на Вучиќевиќ тогаш му било дозволено да присуствува на седницата на Регулаторното тело за електронски медиуми (РЕМ), на која се одлучувало за неговата телевизија.
Апсењето доаѓа во период кога телевизијата „Информер“ се соочува со низа санкции од медиумскиот регулатор во Србија.
На 4 ноември, Советот на РЕМ утврдил особено сериозно прекршување на законот, поради што на телевизијата ѝ била изречена седумдневна забрана за емитување информативна програма.
„Информер“ со години важеше за еден од најгласните медиумски поддржувачи на Александар Вучиќ и неговата политичка власт, а уредувачката политика на медиумот често беше предмет на критики во српската јавност.
