Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја поддржи иницијативата на СДСМ за одржување итна собраниска седница посветена на семејното насилство, најави пратеникот Бојан Стојаноски.
Тој потврди дека е зголемен бројот на пријави за семејно насилство, но оцени дека тоа, меѓу другото, се должи и на зголемената доверба на граѓаните во институциите.
„Точно е дека за 70 проценти е зголемен бројот на пријави за семејно насилство и за 50 проценти е зголемен бројот на поднесени кривични пријави. Тоа не значи дека претходно семејното насилство било отсутно, туку дека сега граѓаните имаат поголема доверба во институциите и го пријавуваат“, изјави Стојаноски.
Според него, за зголемувањето на бројот на пријави придонеле и измените на Кривичниот законик од јануари 2026 година, со кои семејното насилство се гони по службена должност.
Стојаноски нагласи дека целта е да се воспостави функционален систем за спречување на семејното насилство, признавајќи дека и покрај досега преземените мерки, останува уште многу работа.
Тој упати критики до СДСМ за начинот на кој, според него, партијата постапувала по ова прашање во периодот додека била на власт.
„Ние ќе ја поддржиме таа иницијатива за одржување на седницата и ќе разговараме. Секако, ќе го поставиме и прашањето до Јавното обвинителство зошто нема поднесено обвинителни акти, а добро е да се одговори и од страна на судот зошто обвинителните акти што се поднесени сè уште немаат судска разрешница, како што очекуваат граѓаните“, рече Стојаноски.
Во однос на надзорната расправа за случајот со „Алта банка“, пратеникот информираше дека ВМРО-ДПМНЕ побарала за утре да бидат повикани двајца сведоци – Трифун Костовски, предложен од Левица, и поранешната министерка за финансии Нина Ангеловска.
Според Стојаноски, Ангеловска располага со информации кои би можеле да придонесат за дополнително расветлување на случајот.
Тој посочи дека ВМРО-ДПМНЕ од почетокот го поддржува одржувањето на надзорната расправа, обвинувајќи го СДСМ дека со одолговлекувањето на постапката се обидува да ја задржи темата во јавноста.
Стојаноски упати критики и за организацијата на расправата и навременото повикување на сведоците, нагласувајќи дека неговата пратеничка група ги поддржала досегашните барања на опозицијата.
Тој повика надзорната расправа да заврши утре со усвојување конкретни заклучоци.
