Пратениците на СДСМ и коалицијата денеска поднесоа интерпелација во Собранието за работата на гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, во врска со случајот со влезот на „Алта банка“ во македонскиот банкарски сектор.
Од опозициската партија информираат дека со интерпелацијата бараат утврдување политичка одговорност за постапувањето на Славески во процесот на влез на „Алта банка“ АД Белград во тогашната Стопанска банка АД Битола.
Интерпелацијата се однесува на постапката во која, според СДСМ, гувернерот и Народната банка дале претходна согласност за стекнување квалификувано учество на српската банка во битолската банка.
Од СДСМ бараат да се разјасни какви проверки биле извршени во однос на инвеститорот, неговата сопственичка структура и потеклото на капиталот, како и на кој начин биле проценети потенцијалните ризици за депонентите.
Пратениците бараат одговор и за критериумите врз основа на кои била дадена согласност за именување на Давор Мацура за член на Надзорниот одбор на банката.
Дополнително, од Славески се бара да даде објаснување за разговорите со премиерот Христијан Мицкоски во врска со влезот на „Алта банка“, како и за консултациите што, според СДСМ, биле спроведени во рамките на овој процес.
Од опозициската партија очекуваат Собранието да расправа по поднесената интерпелација и да утврди политичка одговорност, а Јавното обвинителство да постапи по претходно поднесените кривични пријави поврзани со случајот.
