Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, преку отворено писмо до министерот за правда Јетон Шасивари побара правосудниот испит да се полага и на албански јазик, обвинувајќи ја Владата дека во изминатите повеќе од две години ги ограничува колективните права на Албанците.
Претседателот на ДУИ го критикува владиното решение правосудниот испит да се полага делумно на албански и делумно на македонски јазик и го смета за чекор назад, деградирање на стекнато право, но и акт на предавство кон Албанците и кон самиот Закон за употреба на јазиците.
Од министерот Шасивари бара да покаже политичка, институционална и национална одговорност и да се откаже од, како што ги нарекува, обидите за ограничување на јазичните права на Албанците.
Ахмети се обрати и до САД, Европската Унија, НАТО, како и до властите во Тирана и Приштина, повикувајќи се на Охридскиот рамковен договор.
