Илија Несторовски е меѓу 48-те фудбалери кои ќе добијат исплата на заостанати плати од клубови кои во меѓувреме банкротирале или престанале да постојат. Меѓународната федерација на фудбалските професионалци (ФИФПРО), во соработка со ФИФА, обезбеди вкупно 414.799 евра за подмирување на побарувањата на играчите, а меѓу нив е и македонскиот напаѓач.
Како што објавува шпанскиот весник „АС“, Несторовски (36), кој денес настапува за хрватскиот Славен Белупо, треба да добие пари поврзани со неговиот поранешен клуб Палермо. Македонскиот репрезентативец го носеше дресот на сицилијанскиот тим од 2016 до 2019 година, во период кога клубот западна во сериозни финансиски проблеми, а подоцна и банкротираше.
Средствата за исплатите се обезбедени преку Фондот за помош на играчи на ФИФА. Програмата повторно е активирана благодарение на соработката меѓу ФИФА и ФИФПРО, а најголем дел од фудбалерите веќе ги добиле своите пари. Преостанатите исплати се очекува да бидат реализирани во наредните денови.
Побарувањата на дел од играчите датираат уште од 2015 година, а опфатени се фудбалери од клубови од Европа, Азија, Северна и Јужна Америка. Станува збор за случаи во кои играчите останале без заработените плати поради финансискиот колапс на нивните поранешни клубови.
Несторовски по заминувањето од Палермо настапуваше за Удинезе и Асколи, пред во летото 2024 година да се пресели во Славен Белупо. Засега не е објавено колкав е износот што му следува на македонскиот напаѓач, ниту дали неговата исплата веќе е реализирана.
