Во засилена сообраќајна контрола низ Македонија, полицијата за само пет часа регистрирала и санкционирала 221 прекршок поврзан со однесувањето на пешаците и возачите во однос на безбедноста на пешаците.
Контролата била спроведена на 11 ноември во периодот од 08:00 до 13:00 часот, при што најголем број прекршоци се однесувале на небезбедно преминување на улица. Од МВР информираат дека биле евидентирани 147 случаи кога пешаци го преминувале коловозот надвор од обележан пешачки премин.
Санкционирани биле и 25 возачи кои не им дале предност на пешаците на означени пешачки премини.
Покрај прекршоците поврзани со пешаците, полициските службеници казниле уште 179 возачи за други сообраќајни прекршоци.
Од Министерството за внатрешни работи најавуваат дека засилените контроли ќе продолжат и во следниот период, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
Од МВР упатуваат апел до пешаците да го преминуваат коловозот исклучиво на обележани пешачки премини, а до возачите да ја приспособат брзината и да овозможат безбедно движење на најранливите учесници во сообраќајот.
