Македонија денеска ќе биде под влијание на променливо облачно и релативно топло време, проследено со сончеви периоди, повремени локални врнежи од дожд и засилен до силен ветер од јужен правец.
Според прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), ветерот на одделни места ќе достигнува брзина поголема од 80 километри на час. Утринските температури ќе се движат од 9 до 13 степени, додека дневните ќе достигнат меѓу 18 и 25 степени, што е значително над просекот за овој период од годината.
Во Скопје ќе преовладува променливо облачно време со сончеви периоди и умерен до засилен јужен ветер. Температурата во главниот град ќе се движи од 11 до 24 степени.
Од УХМР најавуваат дека во наредните денови земјава ќе биде под влијание на серија влажни воздушни бранови, кои ќе донесат променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со слаб до умерен интензитет. По одделни котлини и понатаму ќе има услови за појава на утринска магла.
Метеоролозите предупредуваат дека од утре ќе започне постепено заладување поради продор на постудена воздушна маса од север. Падот на температурите најизразен ќе биде во северните делови на земјата.
