Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека Владата предводена од СДСМ и ДУИ уште во 2023 година воспоставувала деловни односи со Алта банка и нејзиниот сопственик Давор Мацура, реагирајќи на критиките што опозицијата ги упатува во врска со оваа финансиска институција.
На брифинг со новинарите, Мицкоски презентираше информации од владина седница од времето кога премиер бил Димитар Ковачевски. Според него, по предлог на тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими, Владата разгледувала отуѓување на акциите што државата ги поседувала во Алта банка Србија, како дел од процесот на сукцесија на поранешна Југославија.
Премиерот тврди дека тогашната Влада му дала насоки на Државното правобранителство да постапува во врска со овие акции, со што, како што рече, биле воспоставени деловни односи со Алта банка и нејзиниот сопственик Давор Мацура.
„Уште во 2023 година Владата на СДСМ и ДУИ на владина седница му дава насока на Државното правобранителство да влезе во деловни односи со Алта банка со истиот овој сопственик Давор Мацура“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека денешните критики од опозицијата отвораат прашања дали тогашните владини претставници знаеле кој е Давор Мацура и дали имале сознанија за потеклото на капиталот со кој располага.
„Дали тие тогаш знаеле кој е Давор Мацура или кога се одлучиле акциите кои што ги поседува државата во банката која што ја купува Давор Мацура да му ги продадат, имале претстава дека тоа е руски капитал, ‘прљави’ пари, криминално стекнати пари или тогаш тоа не важело?“, праша премиерот.
Според Мицкоски, на седницата на која се разгледувало ова прашање присуствувале и тогашни членови на Владата од редовите на СДСМ.
