Русија и Украина во неформалните дипломатски контакти покажуваат одредена подготвеност за компромис околу територијалните прашања пред новата рунда мировни преговори во Абу Даби, тврди висок американски претставник запознаен со текот на подготовките.
Според претставникот, кој за Ројтерс зборувал под услов на анонимност, за првпат од почетокот на војната се забележуваат сигнали дека Москва покажува реална подготвеност за ставање крај на конфликтот, иако и Русија и Украина јавно остануваат на своите досегашни позиции.
„За првпат имам чувство дека гледаме вистинска желба од руската страна за сето ова конечно да заврши“, изјавил американскиот функционер.
Тој посочил дека во приватните разговори двете страни покажуваат одредена флексибилност кога станува збор за можни територијални компромиси. Сепак, нагласил дека такво решение не е непосредно и дека територијалните прашања најверојатно ќе бидат затворени дури во завршната фаза од преговорите, откако претходно ќе се постигне согласност за останатите клучни теми.
Територијалните барања и понатаму остануваат најголемата пречка во мировниот процес. Украина досега инсистира на враќање на меѓународно признатите граници од 1991 година, додека Русија останува на своите јавно изнесени барања поврзани со окупираните територии.
Американскиот претставник не открил какви конкретни отстапки би можеле да бидат предмет на разговорите, нагласувајќи дека засега не постои нацрт-договор ниту промена на официјалните позиции на двете земји.
Според Вашингтон, клучен предуслов за напредок е прво да се постигне договор за идниот безбедносен систем и безбедносните гаранции по завршувањето на војната, по што би можело да се отвори патот и за решавање на територијалните прашања.
