Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека нов американски напад врз Иран е „малку веројатен“, доколку се постигне напредок во преговорите за иранската нуклеарна програма и за безбедноста на Ормускиот теснец.
Во телефонско интервју за Си-Ен-Ен, Трамп неколкупати повтори дека сè ќе зависи од тоа дали Техеран ќе прифати, како што рече, „многу цврст договор“.
„Малку е веројатно дека ќе биде потребен нов напад. Би го направил ако морам, но веќе ги погодивме многу силно. Финансиски се распаѓаат, а ги погодивме и воено“, изјави Трамп.
Тој оцени дека Иран се наоѓа во тешка економска состојба, повикувајќи се на високата инфлација, и додаде дека САД имаат капацитет да нанесат уште посилен удар доколку тоа биде неопходно.
И покрај неговите изјави, осум месеци по почетокот на конфликтот двете страни остануваат во ќор-сокак. Воените активности се намалени, но дипломатски напредок речиси и да нема, додека иранските сили продолжуваат со напади врз танкери во Ормускиот теснец.
Во преговорите посредува Катар, но засега ниту Вашингтон ниту Техеран не откриваат детали за разговорите.
Трамп истакна дека американската воена сила во регионот останува во целосна подготвеност.
„Имаме три носачи на авиони во регионот и тие се целосно подготвени за дејствување доколку биде издадена наредба“, рече американскиот претседател.
Тој откри и дека американската армија има изготвени планови за евентуални напади врз инфраструктурни цели во Иран, меѓу кои електрани и мостови, но нагласи дека се надева оти нема да дојде до такво сценарио.
„Не сакам да ја уништам нивната инфраструктура. За обнова на мостовите би биле потребни многу години, а моја желба е тоа да се избегне“, изјави Трамп.
