Најмалку седум лица го загубија животот, а повеќе од 100 се повредени во тешка железничка несреќа што се случи јужно од Каиро, кога се судрија два патнички воза, соопштија египетските власти.
Несреќата се случила во областа Ал Ајат, во провинцијата Гиза. Според првичните информации од Министерството за транспорт, воз што сообраќал кон Фајум удрил во задниот дел на друг патнички воз, кој патувал кон Асуан и во тој момент бил запрен на истата железничка пруга.
Од силниот удар неколку вагони излетале од шините, а меѓу загинатите е и еден железнички службеник, соопшти обвинителството.
На местото на несреќата веднаш пристигнале истражители, кои работат на утврдување на причините и околностите под кои дошло до судирот.
Жители од околните населени места први им притрчале на помош на повредените, извлекувајќи преживеани од оштетените вагони и повикувајќи екипи на итната медицинска помош. Според сведоштва, дел од патниците останале заробени по судирот.
Египетскиот претседател Абдел Фатах ел Сиси нареди итна истрага за несреќата, а на терен беа испратени спасувачки екипи и тешка механизација за расчистување на пругата и нормализирање на железничкиот сообраќај.
Последната трагедија повторно ја отвори дебатата за безбедноста на железничкиот систем во Египет. Иако властите во последните години најавуваа модернизација на железничката инфраструктура, мрежата и натаму се соочува со сериозни предизвици поврзани со одржувањето и управувањето. Засега нема официјален заклучок за причината за несреќата.
