Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, во соработка со Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при Бирото за јавна безбедност, учествуваше во меѓународна координирана операција насочена кон разбивање на транснационална криминална мрежа која се занимавала со организирани инвестициски измами преку интернет.
Како што соопштија од Обвинителството, акцијата била спроведена со поддршка и координација на Европол и Европравда, а во неа учествувале надлежните институции од Германија, Кипар, Финска, Албанија, Израел, Косово и Македонија.
Во рамки на координираните активности, во повеќе држави биле уапсени седум осомничени лица, а извршени биле претреси на 17 локации.
При акцијата биле запленети повеќе од 100 сервери, како и голем број електронски докази и други средства поврзани со криминалните активности.
Според досегашните сознанија, финансиската штета предизвикана од измамите надминува четири милиони евра, а потенцијални жртви се идентификувани во најмалку 50 држави.
