Трагична авионска несреќа ја потресе американската сојузна држава Флорида, откако деловен авион се урна во станбена област во градот Гринакрес, при што загинаа сите девет лица кои се наоѓале во леталото.
Несреќата се случила на околу 14 километри од резиденцијата Мар-а-Лаго на американскиот претседател Доналд Трамп во округот Палм Бич. Авионот од типот „Лирџет“ паднал вчера околу 12:50 часот по локално време, при што се претворил во огнена топка во близина на прометен пат.
Леталото полетало од меѓународниот аеродром Остин-Бергстром во Тексас и се упатило кон аеродромот Северна Елеутера на Бахамите.
Според првичните информации од комуникацијата со контролата на летање, пилотите пријавиле проблеми за време на летот. Авионот се движел на височина од околу 10.700 метри кога екипажот известил за турбуленција, замрзнување и врнежи, по што побарал дозвола за дополнително искачување.
Неколку моменти подоцна, леталото започнало нагло губење на височина. Пилотите испратиле итен повик, при што пријавиле дека авионот се спушта со голема брзина.
„Се спуштаме со 8.000 стапки во минута. Мејдеј, мејдеј, се спуштаме со 10.000 стапки во минута. Ќе се срушиме на земја“, бил последниот повик од пилотската кабина.
Околу половина минута подоцна, според достапните податоци, екипажот последен пат се огласил со зборовите: „Ни истекува времето“.
Министерот за транспорт на САД, Шон Дафи, потврди дека во несреќата нема преживеани и изрази сочувство до семејствата на загинатите.
Гувернерот на Флорида, Рон ДеСантис, кој го посети местото на несреќата, изјави дека сцената била драматична.
„Изгледаше како да паѓа ракета. Имаше голем кратер покрај патот“, рече ДеСантис, додавајќи дека делови од авионот биле расфрлани на голема површина.
Во моментот не е позната причината за падот. Националниот одбор за безбедност на сообраќајот на САД (NTSB) започна истрага, а Федералната администрација за воздухопловство (FAA) ќе помогне во утврдувањето на причините за несреќата.
По падот на авионот, властите евакуирале околу 600 жители од блискиот станбен комплекс, додека патот во близина на местото на несреќата останува затворен.
Локалните власти соопштија дека во регионот претходно имало обилни дождови, а метеоролошките служби издале предупредувања за временски непогоди.
