Илијана Јотова е новата претседателка на Бугарија, откако заедно со кандидатот за потпретседател Кирил Влчев победи во вториот круг од претседателските избори.
Според податоците на Централната изборна комисија, по обработени 99,95 отсто од записниците, кандидатската двојка Јотова–Влчев освоила 57,58 проценти од гласовите, додека нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев добиле 39,47 проценти.
За Јотова и Влчев гласале 1.093.564 избирачи, а за Ѓуров и Кандев 749.543. Опцијата „Не поддржувам никого“ ја избрале 56.070 гласачи, односно 2,95 проценти од оние што излегле на гласање.
Во своето прво обраќање по победата, Јотова им се заблагодари на сите граѓани кои го искористиле правото на глас, без разлика за кого гласале, истакнувајќи дека ќе ги слуша и оние кои не ѝ ја дале својата поддршка.
Таа упати посебна благодарност до бугарскиот премиер Румен Радев, оценувајќи дека неговата поддршка била клучна во изборната кампања.
„Почитуван господине Радев, немаше да можеме да го направиме ова без вас. Никогаш не се поколебавте во вашата поддршка за мене“, изјави Јотова.
Според неа, граѓаните избрале политика на соработка и решенија, а не конфронтации и поделби.
Кирил Влчев, кој е избран за потпретседател, порача дека ќе работи на подобро претставување на Бугарија во светот, а како еден од главните приоритети ги посочи Бугарите што живеат во странство и младите.
„Мора да се погрижиме нашите деца да останат во Бугарија, а оние што заминале да се вратат“, истакна Влчев.
На прес-конференцијата присуствуваше и премиерот Румен Радев, кој оцени дека граѓаните избрале мир, стабилност и јасна перспектива за земјата.
Тој им честиташе на Јотова и Влчев, оценувајќи дека воделе достоинствена и позитивна кампања и изрази уверување дека новата претседателка успешно ќе ја извршува функцијата.
