Од денеска во Турција официјално стапи во сила забраната за пристап до социјалните мрежи за деца помлади од 15 години, како дел од новите мерки за заштита на малолетниците на интернет.
Со новите правила започнува преоден период што ќе трае до 31 март 2027 година. Во тој период ќе се врши проверка на возраста на корисниците со постојни профили, а сметките на лицата помлади од 15 години постепено ќе бидат затворани.
Турските власти наведуваат дека при проверката на возраста ќе се применуваат методи што ќе ја штитат приватноста на корисниците. Наместо откривање на идентитетот, системот ќе утврдува само дали лицето ја исполнува потребната старосна граница.
За да добијат пристап до социјалните мрежи, корисниците ќе треба да ја потврдат својата возраст преку платформата за електронски владини услуги. По проверката ќе добијат дигитален токен со информација за возраста.
Децата помлади од 15 години нема да можат да пристапат до социјалните мрежи, додека корисниците на возраст од 15 до 18 години ќе можат да ги користат платформите, но со одредени ограничувања.
Според новите правила, малолетниците ќе можат да разменуваат пораки само со лица кои им се на листата на пријатели, нема да имаат можност за преноси во живо, а нема да им бидат прикажувани реклами наменети за возрасни.
