Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска во Скопје се сретна со вицепремиерот на Црна Гора задолжен за европски и надворешни работи, Филип Ивановиќ, во рамки на одбележувањето на 20 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави.
На средбата беше потврдено високото ниво на пријателски односи, меѓусебната доверба и сојузништвото во НАТО, како и заедничката заложба за стабилен, безбеден и европски интегриран Западен Балкан.
Во фокусот на разговорите беа евроинтегративните процеси, реформите и потребата проширувањето на Европската Унија да се темели на принципот на заслуги.
Двајцата соговорници разговарале и за натамошно унапредување на билатералната соработка, при што било најавено дека утре треба да биде финализиран договорот за воспоставување нова авионска линија меѓу Македонија и Црна Гора.
Дополнително, биле разгледани можностите за продлабочување на соработката во економијата, инфраструктурното поврзување, енергетиката и туризмот.
