Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека Македонија денес е подобро место за живеење отколку пред три или четири години, истакнувајќи дека Владата презема мерки за заштита на државните интереси, справување со енергетската криза и засилување на борбата против криминалот. Сепак, тој нагласи дека е потребно уште поодлучно дејствување.
Во гостувањето во емисијата „Само интервју“ на телевизија „Канал 5“, Мицкоски рече дека Владата, која е на функција околу 28 месеци, досега нема афера што е поврзана со нејзиното работење.
Тој посочи дека државата функционира во сложени околности, обележани со енергетската криза и турбуленциите на финансиските пазари, кои, според него, предизвикале и социјални немири во дел од европските метрополи.
Осврнувајќи се на безбедносната состојба, премиерот истакна дека засилените полициски акции придонеле за намалување на криминалот и подобрување на јавната безбедност.
„Дали е тоа доволно? Не. Дали треба да биде уште поробустно сето тоа? Да, се согласувам дека треба да биде. Но, дали е подобро од пред три или четири години, кога разноразни мафии и банди царуваа низ Скопје? Е, многу подобро“, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека Владата ќе продолжи со дисциплиниран пристап и со мерки насочени кон создавање побезбедна држава и подобри услови за живот на граѓаните.
