Тиквеш направи големо изненадување во осминафиналето од Купот на Македонија, откако на теренот при ФФМ го совлада Вардар со 1-3 и обезбеди пласман меѓу осумте најдобри екипи во натпреварувањето.
Кавадарчани одиграа одлично второ полувреме, ги искористија грешките на скопскиот тим и заслужено стигнаа до голема победа.
По првото полувреме без голови, Вардар имаше повеќе иницијатива, но резултатот го отвори Тиквеш во 49. минута. Виздом Окере ја искористи грешката на Мислав Матиќ, кој како последен играч во одбраната ја загуби топката, а напаѓачот на гостите без проблем го совлада Давор Талески за 0-1.
„Црвено-црните“ веднаш се обидоа да одговорат и создадоа неколку опасни ситуации. По удар со глава на Азер Омерагиќ по корнер, Александар Вареловски ја исфрли топката од гол-линијата, но притисокот на Вардар вроди со плод во 57. минута. Бобан Николов се снајде најдобро по една одбиена топка и израмни на 1-1.
Сепак, радоста на Вардар траеше кратко. Само пет минути подоцна Нфанли Сила со одличен удар од косо повторно го доведе Тиквеш во водство.
Домашниот тим мораше да тргне поизразено во напад, но тоа остави простор за контранапади. Во 75. минута Кристијан Ацковски го проигра Тохиб Лавал, кој ја искористи ситуацијата и ја затресе празната мрежа за конечни 1-3.
Со овој пораз Вардар го заврши настапот во Купот уште во осминафиналето. За скопскиот клуб ова е ново разочарување, бидејќи и минатата сезона беше елиминиран на истиот терен, кога во четвртфиналето загуби од второлигашот Охрид.
Пласман во четвртфиналето обезбедија и Шкендија Арачиново, Струга ТЛ, Работнички, Скопје и Македонија Ѓорче Петров.
Шкендија Арачиново славеше на гостувањето кај Башкими во Куманово со 0-2. Марко Симоновски погоди во 11. минута по акцијата на Ремзифаик Селмани и Николче Шаркоски, а конечниот резултат го постави Бесир Демири од пенал во 77. минута.
Струга ТЛ без поголеми проблеми ја совлада Беласица со 2-0. Марјан Радески беше херојот на домашниот тим со два гола во период од само две минути. Капитенот погоди во 35. и 37. минута.
Најголема драма имаше во дуелот меѓу Македонија Ѓорче Петров и Брегалница. Штипјани имаа предност од 0-2 по головите на Иван Николов и Иван Глигоров во првото полувреме, но домаќините успеаја да израмнат преку Борјан Томовски и Бесмир Исмани од пенал.
Победникот беше решен на пенали, каде што поуспешна беше Македонија Ѓорче Петров со 5-4.
Работнички ја победи Каменица Саса со 3-2, а Александар Богданоски постигна хет-трик за скопскиот тим. Скопје минимално со 1-0 го совлада Новаци.
Последниот осминафинален натпревар ќе го одиграат Пелистер и Силекс.
