По упадот во редакцијата на „Информер“, вечерва група граѓани се собра и пред зградата на телевизија „Пинк“ во Белград, јавуваат српските медиуми.
Според информациите, објектот го обезбедуваат поголем број полициски службеници, кои се распоредени околу телевизијата.
Во меѓувреме, од Студентската листа, која прогласи победа на предвремените парламентарни избори во Србија, упатија апел до граѓаните да останат смирени и да не преземаат активности што би можеле да доведат до инциденти.
„Ја разбираме еуфоријата, емоциите и потребата, по сè што поминавме, конечно да се прослави победата, но сега е важно да останеме достоинствени и одговорни“, наведоа од движењето во објава на Инстаграм.
Оттаму нагласија дека не поддржуваат упади во медиуми или институции и дека не повикуваат на такви постапки.
„Медиумите ќе ги ослободиме во Парламентот, со институционална борба за слобода и професионално новинарство“, порачаа од Студентската листа.
Повикот следува по вечерашните случувања во Белград, кога по упадот во редакцијата на „Информер“ дел од граѓаните се упатија и кон зградата на телевизија „Пинк“, додека полицијата го обезбедуваше просторот.
