Прволигашките возбудувања продолжуваат со денешниот дуел во Кратово, каде што Силекс ќе ја пречека Шкендија Арачиново во натпреварот со кој ќе биде отворено 11. коло во Првата македонска фудбалска лига.
Средбата носи директна пресметка на два тима кои се блиску еден до друг на табелата. Шкендија Арачиново моментално се наоѓа на петтата позиција со 14 освоени бодови, додека Силекс е веднаш зад неа со само еден бод помалку.
Кратовскиот тим во дуелот влегува со дополнителна самодоверба по убедливата победа од 3:0 против Башкими во претходното коло. Гостите, пак, ќе се обидат да се вратат на победнички пат по поразот од Струга на домашен терен.
Последниот меѓусебен натпревар меѓу овие два состави, одигран во август, заврши без победник, што најавува нова неизвесна пресметка во Кратово.
Натпреварот меѓу Силекс и Шкендија Арачиново е закажан со почеток во 14 часот. Останатите средби од 11. коло ќе се играат во текот на викендот, а најголемо внимание привлекува дербито во Гостивар, каде што тетовска Шкендија ќе се соочи со Вардар.
