Силен земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала го погоди планинскиот регион во Тибет, при што загинаа најмалку 16 лица, а десетици се повредени, соопштија кинеските државни медиуми.
Епицентарот на земјотресот бил во округот Бакен, во регионот Нагку, каде потресот бил регистриран во четвртокот вечерта. По земјотресот, властите прогласиле вонредна состојба и испратиле спасувачки екипи во погодените подрачја.
Според последните информации, повредени се 65 лица, од кои 11 се здобиле со тешки повреди. Во регионот се урнале 339 куќи, а голем број жители биле евакуирани.
Локалните медиуми објавија дека повеќе од 12.400 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови поради последиците од земјотресот. Дополнителен проблем претставуваат одроните на карпи, кои блокирале дел од патиштата и го отежнуваат пристапот на спасувачките тимови до планинските области.
Американскиот геолошки завод регистрирал седум потреси во близина на епицентарот, а кинеските власти соопштија дека по главниот удар биле забележани повеќе од 400 последователни потреси.
Кинескиот премиер Ли Ќијанг повика на итно продолжување на спасувачките операции, обезбедување медицинска помош за повредените и соодветно згрижување на жителите од погодените области.
