Цените на нафтата продолжија да растат на светските берзи поради зголемената загриженост дека конфликтите на Блискиот Исток би можеле дополнително да го загрозат глобалното снабдување со енергенси.
По нападот на јеменските Хути врз Саудиска Арабија, цената на северноморската нафта „брент“ порасна за 0,5 проценти и достигна 113,75 долари за барел, додека американската лесна нафта ВТИ поскапе за 0,7 проценти, до 100,13 долари за барел.
„Брент“ е на пат да ја заврши третата последователна недела со раст на цената, додека ВТИ по две недели зголемување би можел неделата да ја заврши со пад.
Во исто време, вниманието на инвеститорите е насочено и кон пазарот на злато. Благородниот метал, откако во јануари 2026 година достигна цена од околу 5.500 долари за фина унца, претрпе корекција и падна на приближно 4.100 долари. Сепак, дел од аналитичарите очекуваат ново искачување во следните 12 до 18 месеци.
Според прогнозите на експертите анкетирани од „Фајненшл тајмс“, златото би можело повторно да достигне рекордни нивоа, поттикнато од побарувачката како сигурно вложување во услови на геополитички тензии, инфлациски ризици, нестабилност на пазарите и пад на вредноста на државните обврзници.
„Голдман Сакс“ прогнозира дека цената на златото до крајот на 2026 година би можела да достигне 4.900 долари за фина унца, што би било околу 800 долари над сегашните нивоа.
Дополнителен интерес за иднината на златото предизвикаа и изјавите на претседателот на Бундесбанк, Јоаким Нагел, кој посочи дека централните банки треба да размислуваат за поголема диверзификација на своите резерви, вклучително и зголемување на уделот на златото.
Според истражувањето на Светскиот совет за злато, во кое биле опфатени 74 централни банки, 45 проценти од нив планираат да купат дополнителни количини злато во следната година. Тоа е највисок процент откако истражувањето започнало во 2018 година.
