Променливо време со дожд денеска, стабилна сабота и нови локални врнежи во недела – ваква е прогнозата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР) за продолжениот викенд во Македонија.
Според прогнозата, временските услови ќе се менуваат во текот на трите дена, па викендот нема да биде целосно стабилен.
За денеска се очекува променливо облачно време со повремен локален дожд, особено во утринските часови. Ќе дува слаб до умерен ветер од северозападен правец, кој долж Повардарието повремено ќе засилува. Во Скопје, исто така, во утринските часови се можни врнежи од дожд, проследени со слаб до умерен ветер од променлив правец.
Во сабота времето ќе биде стабилно и без врнежи. Утринските температури ќе бидат посвежи, особено во Куманово, Крива Паланка, Берово и Струмица, додека во текот на денот најтопло се очекува да биде во Гевгелија, Штип, Струмица и Гостивар.
Во недела повторно ќе има промена на времето. Според УХМР, ќе преовладува променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд во повеќе делови од земјата.
