Денес Македонија го одбележува 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, празник посветен на историското наследство и на борбата за слобода што оставила длабока трага во македонската историја.
На овој ден во 1893 година во Солун била основана Внатрешната Македонско-Одринска Револуционерна Организација (ВМОРО), со цел преку организирана револуционерна борба да се избори автономија за Македонија.
Формирањето на Организацијата претставува еден од клучните моменти во македонското националноослободително движење, а нејзината дејност кулминирала со Илинденското востание во Македонија и Преображенското востание во Одринска Тракија во 1903 година.
Темелите на ВМОРО биле поставени во домот на книжарот Иван Хаџи Николов во Солун, каде што на основачкиот состанок присуствувале д-р Христо Татарчев, Даме Груев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Антон Димитров и Христо Батанџиев.
23 Октомври е ден кога се оддава почит на храброста, пожртвуваноста и идеалите на македонските револуционери, чие дело останува значаен дел од историското наследство и колективната меморија.
Празникот е потсетник на стремежот кон слобода, самостојност и достоинство, како и на обврската да се негуваат историските вредности и да се зачува националниот идентитет.
