Сведоци предложени од одбраната на судењето против 13 полициски службеници обвинети за непостапување согласно акцискиот план во дискотеката „Пулс“ денеска сведочеа за присуството на полицијата пред и по пожарот во дискотеката.
Едниот изјави дека како малолетник ја напуштил дискотеката поради полициска контрола непосредно пред избувнувањето на пожарот, додека другиот рече дека по несреќата видел полициски службеници како помагаат во евакуацијата и расчистувањето на просторот, а трет сведочеше за тоа како полицајците им давале инструкции каде да ги транспортираат преживеаните.
Родител на една од жртвите изјави дека помошта по избувнувањето на пожарот не може да ги избрише евентуалните службени пропусти што му претходеле на настанот и порача дека семејствата очекуваат Судот да утврди не само кој помагал по трагедијата, туку и кој бил должен навреме да го спречи незаконскиот настан и опасностите што довеле до загубата на 63 човечки животи.
