Од денеска во 10 часот на патниот правец А1, на делницата меѓу Прилеп и Кавадарци, е воведен времен режим на сообраќај со наизменично пропуштање на возилата.
Според информациите од Авто-мото сојузот на Македонија, ограничувањето се однесува на потегот меѓу селата Беловодица и Тројаци, каде што се изведуваат градежни активности на коловозот.
Наизменичното пропуштање на возилата ќе остане во сила до целосното завршување на работите, а возачите кои се движат кон Пелагонија или Тиквешијата треба да бидат подготвени на можни краткотрајни застои и забавено движење.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, главно по суви коловози, со умерен интензитет на возила надвор од градските средини.
Сепак, се упатува апел за внимателно возење, особено на делниците низ котлини и клисури каде што е можна појава на одрони од карпи. Поголема претпазливост се препорачува на патните правци Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Освен новиот режим кај Беловодица и Тројаци, градежни активности и посебни сообраќајни правила има и на други делници низ земјата.
На автопатот А1 кај Гевгелија, во насока кон граничниот премин Богородица, сообраќајот се одвива двонасочно по спротивната страна од коловозот.
На патниот правец Прилеп – Битола, поради изградбата на Коридорот 10Д, возилата се пренасочуваат по регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.
Посебен режим има и на делниците Гостивар – Кичево кај мостот на Тајмишка река, Струга – Дебар кај браната „Глобочица“, како и на патот Кичево – Охрид.
Од АМСМ дополнително информираат дека на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
