Црна Гора денеска ќе направи нов значаен чекор на патот кон членство во Европската Унија, откако на Меѓувладината конференција во Луксембург се очекува да затвори три преговарачки поглавја, наместо претходно најавените две.
Веста ја соопшти вицепремиерот за надворешни и европски прашања, Филип Ивановиќ, кој истакна дека покрај Поглавјето 18 (Статистика) и Поглавјето 19 (Социјална политика и вработување), постои можност да биде затворено и Поглавјето 17, кое се однесува на економската и монетарната политика.
„Одлични вести за европската интеграција на Црна Гора – наместо најавените две, денеска на Меѓувладината конференција ќе бидат затворени три поглавја. Владата продолжува одговорно и посветено да го води европскиот процес“, порача Ивановиќ.
Иако Советот на Европската Унија претходно официјално најави затворање на две поглавја, претставници од црногорската опозиција истакнаа дека во текот на денот може да биде обезбедена согласност и за затворање на Поглавјето 17.
Црна Гора останува најнапредниот кандидат за членство во Европската Унија меѓу земјите од Западен Балкан. Властите во Подгорица очекуваат до крајот на годинава да ги затворат сите преостанати преговарачки поглавја.
Земјата го поднесе барањето за членство во ЕУ во декември 2008 година, а пристапните преговори ги започна во 2012 година. Европската Унија веќе има предвидено повеќе од три милијарди евра средства за Црна Гора во рамки на новата седумгодишна финансиска рамка.
