Министерството за внатрешни работи соопшти дека во системот за гранична контрола нема евиденција дека Ива Михаилова ја напуштила државата, иако претходно денеска таа изјави дека легално преминала во Бугарија.
„Во однос на лицето за кое прашувате, ве известуваме дека се извршени проверки во системот за гранична контрола на Министерството за внатрешни работи, при што е утврдено дека за наведеното лице нема евидентиран излез од територијата на Македонија“, соопштија од МВР.
По пристигнувањето во Бугарија, Михаилова во изјава за локални медиуми тврдеше дека нема ништо спорно во нејзиното заминување и дека македонско-бугарската граница ја преминала со лични документи. На прашањето како ѝ било дозволено да ја напушти Македонија, таа изјави дека граничната полиција соработувала.
Ива Михаилова, жителка на Кочани со македонско и бугарско државјанство, е обвинета во судска постапка за сообраќајна несреќа со смртни последици. Во рамки на постапката ѝ беа одземени личните документи како мерка на претпазливост.
Бугарските медиуми претходно објавија дека Михаилова, заедно со својот адвокат, ја напуштила Македонија и заминала во Бугарија на лекување. Засега останува нејасно како го напуштила македонска територија, со оглед на тоа што МВР тврди дека таков излез не е евидентиран.
