Ракометарите на Охрид приредија големо изненадување во 6. коло од машката Супер лига, откако пред својата публика го совладаа Алкалоид со 26-24 и стигнаа до четвртата победа сезонава.
Во салата „Билјанини извори“ домашниот тим подобро го отвори натпреварот и поведе со 2-0, но Алкалоид брзо возврати и во 15. минута имаше предност од 7-4. Сепак, охриѓани до крајот на првото полувреме одиграа одлично во одбраната, направија пресврт и на паузата заминаа со убедливо водство од 15-11.
Во второто полувреме избраниците на Роевиќ целосно ја контролираа играта и во еден момент имаа и шест гола предност. Иако Алкалоид се обиде да се врати во завршницата, Охрид не дозволи изненадување и заслужено славеше со 26-24.
Најефикасни кај победничкиот состав беа Тилен Стрмљан и Доминик Матхе со по шест погодоци, додека кај Алкалоид ист број голови постигна Никола Костески.
Со овој пораз, Алкалоид го загуби максималниот ефект, па Вардар остана единствениот тим со сите победи, откако славеше на гостувањето кај Струга со 33-24 и повторно изби на врвот на табелата. Зад „црвено-црните“ е Еурофарм Пелистер, кој има бод помалку и сè уште нема пораз, додека Алкалоид е трет, а Охрид се искачи на четвртата позиција.
