Билатералните односи меѓу Македонија и Бугарија, европските интеграции, недовербата меѓу двете земји и Акцискиот план за малцинствата биле главните теми на разговорите меѓу министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски и бугарската министерка за надворешни работи Велислава Петрова Чамова на средбата во Софија.
По разговорите, Муцунски оцени дека средбата поминала во конструктивен тон, но посочи дека и понатаму постојат сериозни разлики во ставовите за дел од клучните прашања. Сепак, двете страни се согласиле да продолжат со дијалогот за темите од заеднички интерес.
Шефот на македонската дипломатија нагласи дека недовербата претставува еден од најголемите предизвици во односите меѓу двете држави, особено поради искуствата од претходниот период и поставените билатерални барања.
Муцунски повтори дека прашањата поврзани со јазикот, идентитетот, историјата и културата не треба да бидат пречка за европскиот пат на Македонија.
На средбата бил разгледан и Акцискиот план за малцинствата, за кој, како што посочи Муцунски, разговорите ќе продолжат и во следниот период.
Бугарската министерка Чамова изјавила дека на средбата го поставила прашањето за можниот рок за спроведување на уставните измени. Според неа, Муцунски посочил дека за таков чекор е потребно најпрво да се изгради доверба меѓу двете страни.
По разговорот во Софија, Муцунски остварил средба и со еврокомесарката за проширување Марта Кос. Во фокусот биле односите со Бугарија, реформските процеси и можноста Европската Унија да помогне во придвижување на пристапниот процес на Македонија.
Муцунски оцени дека во Европската комисија постои интерес за напредок кон отворање на пристапните преговори, но повтори дека ставовите на Владата остануваат исти и дека процесот треба да продолжи преку дијалог, добра волја и почитување на државните интереси.
Од двете страни било потврдено дека прашањето за посмртните останки на цар Самуил не било дел од темите на средбата.
