Косово доби нова претседателка – Јустина Широка-Пула, економистка, професорка и академик, која во Собранието беше избрана со 81 глас.
Нејзиниот политички пат носи интересна симболика. Широка-Пула некогаш беше министерка во владата на Хашим Тачи и пратеничка од редовите на Демократската партија на Косово (ПДК), а сега за шеф на државата беше предложена од партијата Самоопределување на Албин Курти.
Широка-Пула е родена во 1953 година во Приштина. Дипломирала на Економскиот факултет во Приштина во 1976 година, а постдипломските студии по теорија и политика на економскиот развој ги завршила во Загреб.
По краткиот ангажман во Народната банка на Косово, во 1978 година започнала академска кариера на Универзитетот во Приштина. На Економскиот факултет напредувала од асистентка до редовна професорка во 2004 година.
Во академската кариера била раководителка на Одделот за менаџмент и информатика, членка на Сенатот и на Управниот одбор на Универзитетот во Приштина, а дел од своето усовршување го поминала и на универзитетите во Линц и Аризона.
Нејзината биографија, сепак, вклучува и високи политички функции. Од 2008 до 2011 година беше министерка за енергетика и рударство во владата на Хашим Тачи, а потоа од 2011 до 2014 година беше пратеничка во косовското Собрание како членка на ПДК.
Нејзиниот избор дојде по неуспехот на политичките партии да постигнат договор за други кандидати. Нејзиното име се појави како компромисно решение во последниот момент, овозможувајќи избор на претседател и избегнување нови предвремени парламентарни избори.
Широка-Пула во последните години повторно беше активна главно во академската сфера. Во 2016 година стана дописна членка, а во 2020 година редовна членка на Академијата на науките и уметностите на Косово.
Во декември 2025 година таа стана првата жена избрана за претседателка на Академијата.
Со изборот за претседателка на Косово, Широка-Пула стана третата жена на оваа функција, по Атифете Јахјага и Вјоса Османи.
По положувањето на заклетвата порача дека ќе биде претседателка на сите граѓани, а како свои приоритети ги посочи единството, економскиот развој, зајакнувањето на институциите и евроатлантската ориентација на земјата.
