Во текот на изминатите 24 часа, полициски службеници на повеќе локации низ државата лишиле од слобода 12 лица поради сомнение за сторено кривично дело „безобѕирно управување со моторно возило“, согласно член 297-а од Кривичниот законик.
Според Министерството за внатрешни работи, деветмина од приведените управувале возила без да поседуваат возачка дозвола. Меѓу нив се лица од Скопје, Битола, Велес, Градско и Делчево, како и двајца малолетници на возраст од 15 и 16 години.
Полицијата привела и двајца возачи кои биле затекнати зад волан и покрај тоа што имале активна забрана за управување, а истовремено биле под дејство на алкохол.
Дополнително, уште едно лице било лишено од слобода затоа што управувало возило под дејство на алкохол.
Од МВР информираат дека по целосното документирање на сите случаи против приведените ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
Воедно, Министерството повторно апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила, да не седнуваат зад волан без возачка дозвола, за време на изречена забрана за управување или под дејство на алкохол, со цел зголемување на безбедноста во сообраќајот.
