Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, најави дека ќе донесе одлуки за помилување и аболиција за дел од лицата поврзани со настаните во земјата во изминатата година и пол, додавајќи дека јавноста ќе биде изненадена од тоа кои лица ќе бидат опфатени.
Во интервју за РТС, Вучиќ, кој претходно најави дека вечерва ќе поднесе оставка од претседателската функција, изјави дека сè уште работи на подготовката на одлуките.
Тој посочи дека една одлука ќе се однесува на лица кои веќе имаат правосилна пресуда, а друга на оние против кои нема донесена осуда.
„Верувам дека ова ќе придонесе за помирен живот и подобри односи меѓу луѓето“, изјави Вучиќ.
Осврнувајќи се на своето заминување од функцијата, тој рече дека ја напушта претседателската позиција горд на резултатите што ги постигнал, оценувајќи дека во изминатата деценија бил изложен на, како што рече, невидена кампања на дехуманизација.
Вучиќ додаде дека, доколку неговата политичка опција победи на вонредните парламентарни избори закажани за 25 октомври, ќе ги разгледа и предлозите на дел од опозицијата за државни реформи.
Тој изрази загриженост и поради, како што наведе, информации дека за време на изборната ноќ би можеле да се предизвикаат инциденти со цел да се создадат немири, нагласувајќи дека надлежните институции ќе преземат соодветни мерки.
Доколку Вучиќ вечерва официјално поднесе оставка, функцијата привремено ќе ја преземе претседателката на Народното собрание, Ана Брнабиќ, сè до изборот на нов претседател. Според српското законодавство, претседателските избори треба да бидат распишани во рок од 90 дена од оставката.
