Плоштадот „Македонија“ и повеќе локации во центарот на Скопје вчера беа претворени во отворен полигон за проверка на знаењето и вештините за укажување прва помош. На 32. Државен натпревар по прва помош учествуваа десет младински екипи кои претходно обезбедија пласман преку општинските и регионалните натпревари.
Под мотото „Прва помош во урбана средина“, учесниците се соочија со реалистични сценарија за повреди и итни состојби какви што можат да се случат на улица, во сообраќајот или на јавно место. Натпреварувачките пунктови беа поставени на десет локации, меѓу кои Плоштадот „Македонија“, просторот кај Македонскиот народен театар, кејот на Вардар, Жена парк и Порта Македонија. Младите требаше брзо да ја проценат ситуацијата, да ги утврдат приоритетите и правилно да им укажат прва помош на „повредените“.
На настанот учествуваа повеќе од 200 лица, а целта е да се поттикне поголема подготвеност на граѓаните за реакција во итни ситуации. Генералниот секретар на Црвениот крст, Саит Саити, ја истакна амбицијата до 2030 година во секој дом, училиште и работна организација да има најмалку едно лице обучено за прва помош.
Натпреварот го отвори градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој порача дека младите со своето знаење, храброст, човечност и подготвеност да помогнат покажуваат колку е важна солидарноста. Организаторите потсетија дека основните постапки за прва помош може да ги научи секој и дека правилната реакција во првите минути по несреќата може да биде од големо значење.
Пораката од вчерашниот настан беше дека првата помош не е само знаење, туку практична вештина која во критичен момент може да спаси човечки живот.
