Основното јавно обвинителство Струга поднесе обвинителен акт против шест лица поради сомнение дека со свои дејствија го оштетиле или уништиле објект под привремена заштита како културно наследство.
Обвинението се однесува на кривичното дело „оштетување или уништување на добра под привремена заштита или културно наследство или природни реткости“ од член 264 од Кривичниот закон.
Според обвинителството, првообвинетиот, управител на градежна фирма од Велешта, како инвеститор и изведувач на градежни работи, бил задолжен согласно решение на Управата за заштита на културното наследство да изготви идеен проект со точно определен начин на уривање на стар објект.
Објектот се наоѓал непосредно до заштитената стара струшка куќа на Владо Малески, со која делел заеднички преграден ѕид и кровна конструкција.
Наместо тоа, според обвинителниот акт, бил изготвен само основен проект без детално утврден начин на уривање. По отстранувањето на стариот објект, на истата парцела започнала изградба на нов објект со подрум, приземје и кат.
При ископот за подрумските простории, со употреба на механизација бил поткопан заедничкиот ѕид меѓу објектите, што предизвикало нарушување на стабилноста и уривање на заштитената куќа на Владо Малески.
Обвинети се и градежен инженер и архитект од Секторот за урбанизам при Општина Струга, кои, според обвинителството, изготвиле и одобриле одобрение за градење без да биде приложен идеен проект за уривање на претходниот објект, со што му овозможиле на првообвинетиот да ги изврши дејствијата.
Обвинението го опфаќа и тогашниот градоначалник на Општина Струга, кој го донел одобрението за градење и, според обвинителството, спротивно на решението на Управата за заштита на културното наследство, дозволил изградба на објект со подрум, покрај предвидените приземје и кат.
