Попладнево избувна пожар во магацин за бои и лакови на булевар „Александар Македонски“ број 67 во скопската населба Железара, при што над дел од градот се издигна густ црн чад.
Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), веднаш по пријавата, во 17:10 часот на местото на настанот биле испратени екипи на Бригадата за противпожарна заштита со шест противпожарни возила и 20 пожарникари.
Поради тоа што станува збор за магацин во кој се складирале бои и лакови, пожарникарите интервенирале со особена внимателност, имајќи ги предвид запалливите материјали во објектот.
Во првите информации од ЦУК пожарот беше евидентиран како активен, но подоцна директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека огнената стихија е целосно изгасната.
Засега нема информации за повредени лица, ниту за причините за избувнувањето на пожарот и висината на материјалната штета. Надлежните служби ќе ги утврдуваат околностите под кои дошло до пожарот.
