Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен акт против едно лице кое се товари за кривичното дело „Загрозување лица под меѓународна заштита“, поради палење возила пред Амбасадата на Република Бугарија во Скопје.
Според обвинението, инцидентот се случил на 15 јуни околу 12:05 часот, кога обвинетиот со предизвикување пожар создал значителна опасност за животот и телото на лица под меѓународноправна заштита.
Обвинителството наведува дека претходно на бензинска пумпа во близина на Амбасадата наполнил пластично шише со бензин, по што се упатил кон дипломатското претставништво. Таму, според обвинението, ги полеал со бензин и ги запалил паркираните возила што ги користеле военото аташе на Република Бугарија и други вработени во Амбасадата, а потоа го напуштил местото на настанот.
Заедно со Обвинителниот акт, јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје доставил и предлог за продолжување на мерката притвор, оценувајќи дека и натаму постои опасност обвинетиот да стане недостапен за органите на прогонот и да ја попречува кривичната постапка.
При предлогот за продолжување на притворот, обвинителството ги земало предвид тежината на делото, висината на предвидената казна, како и околностите поврзани со безбедноста и правата на лица под меѓународноправна заштита, меѓу кои и дипломатски претставници.
За кривичното дело што му се става на товар, според Кривичниот законик, е предвидена казна затвор од најмалку една година.
