Струга Трим Лум продолжува со максималниот ефект на домашен терен, откако во дербито од 6. коло на Првата македонска фудбалска лига го совлада Силекс со 1:0.
Херој на стружани беше Ласана Диако, кој во 59. минута го постигна единствениот погодок на натпреварот. Со новите три бода, Струга ТЛ се доближи на само два бода до лидерот Шкендија, додека Силекс го запиша третиот последователен пораз и очигледно се наоѓа во резултатска криза.
Првото полувреме донесе претпазлива игра од двете страни, со мал број вистински можности. За Силекс се заканија Манојлов и Донов, додека Малески беше најопасен кај домашните. Најдобрата шанса пред паузата ја имаше Радески во 30. минута, но резултатот остана непроменет.
Во второто полувреме гостите први се заканија преку капитенот Анѓелески, чиј удар беше навреме блокиран. Само неколку минути подоцна следуваше решавачкиот момент. Во 59. минута Диако од непосредна близина ја испрати топката под пречката и донесе водство за Струга ТЛ.
По примениот гол, тренерот на Силекс, Александар Васоски, направи неколку измени во обид да ја раздвижи играта. Кратовци тргнаа офанзивно, но со тоа оставија повеќе простор за контранападите на домашниот состав.
Во финишот Силекс создаде неколку одлични можности за израмнување. Делимеѓац се закани од слободен удар, Герасов ја погоди пречката, а Мишов и Ефтимов не успеаја да ја искористат својата шанса. Особено голема беше можноста на Ефтимов во судиското продолжение, но резултатот остана непроменет.
Струга ТЛ заслужено славеше со 1:0 и останува непобедлива на домашен терен оваа сезона, додека Силекс по поразите од Вардар, Шкендија и Струга ТЛ ќе мора брзо да пронајде излез од резултатската криза.
