Петмина јавни обвинители поднеле кандидатури за нов шеф на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, а изборот е закажан за 28 октомври. За функцијата се кандидирани Јован Цветановски, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ, Искра Хаџи-Василева и Фатон Азизи, според информациите на МИА.
Цветановски е виш јавен обвинител, Пеливанов е поранешен обвинител во СЈО и сегашен обвинител во Вишото јавно обвинителство, додека Раичевиќ доаѓа од ОЈО Скопје. Хаџи-Василева и Азизи веќе работат како обвинители во ОЈО за гонење организиран криминал и корупција.
Следниот чекор во постапката е во петок, кога Советот на јавните обвинители треба да формира Комисија за подготвување на кандидатските листи и Комисија за избор на новиот шеф на ОЈО ГОКК. Право да се кандидираат имаат обвинители со најмалку шест години непрекинат обвинителски стаж и позитивна оценка за работата во последните три години.
Новиот шеф ќе биде избран по истекот на мандатот на Ислам Абази, кој раководи со Обвинителството за организиран криминал и корупција од октомври 2022 година.
