До 7:30 часот утрово во Македонија се регистрирани вкупно 30 пожари на отворен простор, од кои шест се активни, пет се под контрола, а 19 се изгаснати, соопшти Центарот за управување со кризи.
Активен останува пожарот кај селата Грачани и Никиштани во Општина Ѓорче Петров, кој се протега и на територијата на Косово и зафаќа шума.
Во Македонски Брод активен е пожарот кај Белица, во месноста Кајорец кон Брезница, каде гори нискостеблеста и мешана шума.
Пожари има и кај Брест во Чучер-Сандево, како и на две локации во Кичево – кај Кнежино и Добреноец и кај Тајмиште.
Шестиот активен пожар е кај селото Стиниќ во Општина Ново Село, каде се зафатени мешана шума и ниска вегетација.
Под контрола се пет пожари во Струга, Македонски Брод, Сарај, Кратово и Делчево.
Од ЦУК информираат дека 19 пожари се целосно изгаснати, меѓу кои и оние на подрачјата на Гази Баба, Куманово, Битола, Прилеп, Струга, Сопиште, Струмица, Гевгелија и Градско.
