Германската полиција спроведе голема операција во поранешна електрана во градот Хам, по серијата саботажни напади врз електричната мрежа во покраината Северна Рајна-Вестфалија, јавува ДПА.
На терен биле распоредени голем број полициски возила, а во потрагата бил вклучен и полициски хеликоптер. Акцијата се одвивала во близина на пошумена област, на селски пат во околината на градот.
Од полицијата соопштија дека објектот во кој се спроведувала операцијата е поранешна електрана која веќе подолг период не е во функција.
Во меѓувреме, германските власти започнаа потрага низ Европа по 48-годишен маж од Гевелсберг, во близина на Дортмунд, кој се сомничи дека стои зад серијата саботажи на електрични трафостаници.
Според истрагата, осомничениот испратил две писма во кои ја презел одговорноста за нападите, наведувајќи дека негов мотив бил да привлече внимание кон производството на електрична енергија од фосилни горива, кое го опишал како „злосторство“.
Полицијата, сепак, сè уште проверува дали навистина станува збор за лицето што се бара или за лажен идентитет. Истражителите посочуваат дека писмата содржеле детали за инциденти кои во моментот на нивното испраќање не биле јавно објавени.
Во текот на денот, дополнително бил пронајден сомнителен уред во електрична трафостаница во градот Дормаген, меѓу Келн и Диселдорф, а истрагата за можната поврзаност со останатите инциденти продолжува.
