Големиот шумски пожар што денеска избувна на косовска територија, во близина на границата со Македонија, а се прошири кон скопското село Грачани, и вечерва останува активен. Во исто време, густа миризба на чад се чувствува во повеќе делови од Скопје.
Според надлежните служби, пожарот тешко се локализира поради непристапниот терен. Косовските власти побарале помош од Македонија, по што бил испратен хеликоптер кој интервенирал во гаснењето на огнот на косовска територија.
Во пожарот се зафатени сува трева, ниска вегетација и шумски појаси, а во одредени моменти огнената линија достигнувала должина од околу пет километри.
Во текот на денот и вечерта на терен биле ангажирани пожарникари од Скопје, екипи на Дирекцијата за заштита и спасување, како и два „ер-трактори“ кои дејствувале од воздух.
Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, информираше дека пожарот се приближил до селото Грачани, но благодарение на воздушните интервенции огнената линија била пресечена на најкритичните точки за да се спречи неговото ширење кон населеното место.
Околу 18:30 часот надлежните соопштија дека пожарот гори на косовска територија и дека во тој момент нема активно огнено жариште на македонска страна.
Сепак, чадот од пожарот вечерва се прошири низ речиси целото Скопје. Граѓаните сведочат дека во повеќе населби биле принудени да ги затворат прозорците поради силната и непријатна миризба на чад.
