Обвинителството за организиран криминал и корупција отвори предистрага по анонимна кривична пријава потпишана од „група вработени во МВР“, во која се изнесуваат сомнежи за наводно незаконско преземање и обработка на податоци од компјутерскиот систем во Кабинетот на претседателката Гордана Сиљановска Давкова.
Според наводите во пријавата, одредени податоци биле копирани и енкриптирани, односно шифрирани во посебен код, со тврдење дека подоцна можеле да завршат кај странски разузнавачки служби. Во документот се посочува дека зад активностите стои ИТ-администратор од Кабинетот на претседателката, кој наводно бил поврзан со странска разузнавачка служба.
Во пријавата се споменуваат и други лица од Кабинетот на Сиљановска Давкова, како и од Агенцијата за разузнавање, за кои се тврди дека можеби учествувале во прикривање на докази. Потписниците бараат отворање на постапка со назначување на друг обвинител, како и спроведување на детално форензичко вештачење на компјутери, сервери, мобилни телефони, електронски уреди и комуникациски записи, вклучително и ВПН логови и пристапни листи.
Од Кабинетот на претседателката засега нема официјален одговор.
Од ОЈО ГОКК потврдуваат дека предистрага е во тек уште од декември минатата година, по дојава од Секторот за компјутерски криминал при МВР. Посочуваат дека се издадени наредби за проверка, но сè уште се чекаат податоци и анализи од надлежните служби, вклучително и вештачење на два мобилни телефона одземени од едно од лицата опфатени со случајот.







