Тренерска ера завршува во Манчестер Сити, откако клубот и официјално донел одлука Енцо Мареска да го наследи Пеп Гвардиола на клупата на „граѓаните“. Според информациите од англиските медиуми, двете страни постигнале договор за тригодишна соработка, а Италијанецот ќе ја преземе екипата по завршувањето на актуелната сезона.
Мареска, кој претходно му беше асистент на Гвардиола во Манчестер Сити, повторно се враќа на „Етихад“ по успешниот период во англискиот фудбал. Неговото име долго време се поврзуваше со можноста еден ден да стане наследник на шпанскиот стратег, а самиот тој претходно откри дека во неколку наврати разговарал со раководството на клубот.
Заминувањето на Пеп Гвардиола означува крај на една од најуспешните ери во историјата на Манчестер Сити. Во изминатите десет години шпанскиот тренер освои бројни титули и постави нови стандарди во англискиот и европскиот фудбал, претворајќи го клубот во една од најдоминантните екипи на светот.
Според најавите од Англија, натпреварот против Астон Вила ќе биде последен за Гвардиола на домашен терен како менаџер на Сити, а клубот подготвува специјално збогување за човекот кој остави огромна трага во историјата на „граѓаните“.
Во меѓувреме, Манчестер Сити останува во трка за титулата во Премиер лигата. „Граѓаните“ ги очекува важен натпревар против Борнмут, по кој ќе се надеваат на кикс на Арсенал во последното коло, со цел да стигнат до уште една шампионска титула.







