Пожарот на депонијата во Радовиш и натаму е активен и трае веќе петти ден по ред, а надлежните служби сè уште работат на негово целосно локализирање. На терен постојано интервенираат екипи со тешка механизација, кои вршат насипување со земја со цел да се спречи ширење на огнот и чадот кон околните населени места.
Поради сериозноста на состојбата и зголеменото загадување на воздухот, градоначалникот на Радовиш и командант на Кризниот штаб, Љупче Почивалец, во координација со Центар за јавно здравје – Штип, упати итен апел до граѓаните да избегнуваат непотребен престој на отворено, особено во периодите кога чадот е најгуст и најинтензивен.
Од надлежните препорачуваат граѓаните да ги држат затворени прозорците и вратите во домовите и работните простории, како и да не користат клима-уреди и вентилациски системи што внесуваат надворешен воздух. Исто така, се советува престој во затворени простории и користење заштитни маски од типот ФФП2, ФФП3 или Н95 при неопходно движење на отворено.
Посебни препораки се упатени до најранливите категории граѓани – деца, бремени жени, постари лица и хронично болни, за кои се советува максимална заштита и избегнување активности надвор. Надлежните препорачуваат и да не се дозволува престој на деца во дворовите на училиштата и градинките, како и избегнување спортски и рекреативни активности на отворено.
Апел е упатен и до работодавачите, каде што има можност, да овозможат работа од дома или ослободување од работни обврски за ранливите категории граѓани.
Во случај на појава на симптоми како кашлица, отежнато дишење, иритација на очите, печење во грлото или вртоглавица, граѓаните се повикуваат веднаш да побараат медицинска помош.
Од Општина Радовиш информираат дека сите надлежни служби остануваат на терен и продолжуваат со активностите за локализирање и целосно гаснење на пожарот, а до граѓаните апелираат на смиреност, внимателност и почитување на препораките и насоките од институциите.







