„Венко Филипче продолжува со политиките на понижување и распродавање на националните интереси. Филипче продолжува со поданоста и измеќарството на туѓите агенди, и уште еднаш се докажа како прв антимакедонец и побрза да ја слави победата на Бугарија на Евровизија. Еуфоријата на Венко Филипче за победата на Бугарија на Евровизија и слугувањето на бугарските интереси како послушен пиун на Румен Радев, се доказ дека Филипче е спремен на се само за да дојде на власт, па и по цена на штета на македонските интереси“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Според владејачката партија, наместо да се борат за македонскиот идентитет, јазик и историја, Филипче и СДСМ продолжуваат со сервилна политика и подготвеност за нови отстапки на штета на Македонија. „Граѓаните знаат дека токму кадрите на СДСМ ја донесоа државата во ситуација постојано да биде понижувана, блокирана и условувана. Наместо достоинствена дипломатија и црвени линии, СДСМ нудеа попустливост и молк“, категорични се од ВМРО-ДПМНЕ.







