„За плата се бориме, не се молиме“ беше слоганот на денешниот протест на Сојузот на синдикатите на Македонија во чест на Први мај – Меѓународниот ден на трудот.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов на почетокот на маршот рече дека за жал имаме квази синдикати кои сметаат дека не треба да се протестира, кои сметаат дека 1 мај е за луксуз во скап хотел на скапа конференција.
„Да ви се заблагодарам за вашето присуство за тоа што ќе го одбележиме 1 Мај најдостоинствено досега во историјата на Македонија. Затоа што сакавте да бидете тука, во име на сите работници.
260.000 работници живеат со плата под 600 евра, но денеска, за жал, само неколку илјади луѓе сме тука на протест за 1 Мај. Веројатно ситуацијата која се креира во општеството е таква, да треба да се поклониме, да треба да се потчиниме, но нема да го направиме тоа“, рече Трендафилов.
Маршот продолжи накај Владата, каде Трендафилов кажа дека работниците денес не се заштитени на своите работни места.
