Клучката Требеништа од автопатот Охрид–Кичево од денес ќе биде пуштена во употреба, со што се заокружува уште еден важен сегмент од еден од најголемите инфраструктурни проекти во земјата, најави министерот за транспорт, Александар Николоски.
По увидот на терен доцна синоќа, заедно со директорот на ЈП за државни патишта, Коце Трајановски, Николоски истакна дека работите на автопатот се одвиваат со засилено темпо, користејќи ги поволните временски услови.
– На автопатот Охрид–Кичево се работи и доцна навечер, што ја потврдува нашата решителност да го завршиме проектот во предвидениот рок. Од утре во сообраќај се става клучката Требеништа, со што се завршува уште еден дел од автопатот – изјави Николоски.
Тој нагласи дека паралелно се работи и на споредните патишта, со цел да се обезбеди поврзаност за сите населени места во регионот.
